Англија Трансфери

Англиските медиуми откриваат дека поранешниот норвешки фудбалер ќе биде назначен за нов привремен менаџер на Манчестер Јунајтед, по отпуштањето на Мурињо.

Поранешниот напаѓач на Црвените Ѓаволи, кој играше за Манчестер повеќе од една деценија од 1996 до 2007, ќе го преземе кормилото на тимот од Олд Трафорд, со надеж дека ќе ја спаси сезоната во која шансите за пласман во топ четири се доста мали.

Оле Гунар Солскјер на Олд Трафорд ќе дојде од норвешки Молде, со кој има договор до 2021 и планот е да се врати во Норвешка на крајот од сезоната. За ваквата позајмица тимот на Молде ќе добие 2 милиони евра. Ова ќе биде одлична можност за Солскјер да се проба во елитната Премиер Лига и во Лигата на Шампиони, па доколку се покаже во добро светло не се исклучува можноста Црвените Ѓаволи да го ангажираат Норвежанецот и на подолг период, се разбира со значително поголем финансиски надомест за Молде.

Сепак, првичниот план на Јунајтед е Солскјер да биде само привремено решение, а веќе на крајот на сезоната да ангажираат поискусен стратег, при што како најпосакувани имиња се спомнуваат Зинедин Зидан, Маурисио Покетино и Лоран Блан.

Солскјер има 235 настапи и 91 гол за Црвените Ѓаволи. Останува да видиме колкав допринос ќе има 45-годишниот норвежанецот на кормилото на тимот од Олд Трафорд.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *