Англија
Ole Gunnar Solskjaer

Новиот менаџер на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солсскјер, го даде првото интервју за официјалниот сајт на клубот, откако го наследи отпуштениот Жозе Мурињо. Норвежанецот вети на фановите дека тимот ќе игра офанзивно и ќе се обиде да го врати на старите вредности.

“Знам одлично што претставува Манчестер Јунајтед и што се бара од сите нас. Во одлично расположение сме. Утрово гледавме натпреваро на нашиот следен противник – Кардиф Сити. И порано, редовно гледав Премиер лига, така што добро знам што да очекувам од другите тимови”, сподели 45-годишниот менаџер.

“Сакам да се насладам на претстојните 6 месеца. Се вратив дома, ќе бидам тој што сум. Сакам одново да го вратам чувството на задоволство, играјќи фудбал, кај фудбалерите. Идентитетот на Јунајтед е врзан со напаѓачката игра, развојот на младите фудбалери и победите. Најголем клуб во светот, најдобри навивачи и најдобрите фудбалери – тоа треба да претставува Манчестер Јунајтед”, додаде поранешниот напаѓач на “црвените ѓаволи”.

Солскјер има тешка задача да го стабилизира тимот, кој се наоѓа на 6-тото место на табелата во Премиер лигата со 26 бода од 17 натпревари. Утре, Јунајтед гостува на велшкиот Кардиф Сити – клуб со кој Солскјер испадна од елитата во 2014 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *