Англија

Манчестер Јунајтед стигна до третата победа во серија, во третиот натпревар под водство на Оле Гунар Солскјер.

Погба повторно покажа дека тој знае како се игра фудбал и дека Мурињо веројатно бил главниот виновник за слабата форма на тимот. Пол Погба игра во животна форма и допринесе со два гола и една асистенција за победа на Јунајтед од 4-1 против Бурнмут. Во листата на стрелци за Црвените Ѓаволи се впишаа и Рашфорд и Лукаку, додека за гостите почесниот погодок го постигна стоперот Натан Ејк.

Се чини дека Солскјер го враќа Манчестер Јунајтед на старите победнички патеки, играјќи напаѓачки фудбал во кој уживаат и фудбалерите и фановите. Во првите три натпревари на чело на Јунајтед забележа победи од 1-5 против Кардиф, 3-1 против Хадерсфилд и со денешната победа од 4-1 против Бурнмут, Норвежанецот покажува дека не е дојден во Јунајтед да игра само на резултат, туку сака да негува напаѓачки фудбал.

Со овие 3 бода Јунајтед се доближи на само 3 поени зад Арсенал, кој по поразот од 5-1 против Ливерпул останува на петтата позиција.

Додека Мурињо беше на чело многумина го отпишаа Јунајтед од борбата за пласман во топ 4, но под водство на Солскјер Црвените Ѓаволи се препородени, па сигурно е дека ќе се борат за пласман во Лига на Шампиони до крајот на сезоната.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *