Видео Лига на шампиони
D. Origi 7′1 – 0
G. Wijnaldum 54′2 – 0
G. Wijnaldum (ас. X. Shaqiri) 56′3 – 0
D. Origi (ас. T. Alexander-Arnold) 79′4 – 0

“Црвените” настапија без главните ѕвезди, Мохамед Салах и Роберто Фирмино, но тоа не беше проблем за играчите на Јирген Клоп да го остават срцето на теренот, и да слават огромна победа од 4:0 против големата Барселона.

Ливерпул продолжува во финале, и покрај негативата од високи 3:0 на гостувањето во Барселона. Англичаните беа можеби подобриот тим и во Шпанија, но немаа среќа, промашија многу шанси, а на другата страна, одличниот Меси беше немилосрден. Но, лошиот резултат не ги обесхрабри фудбалерите на Ливерпул, кои без неколку клучни играчи, влегоа храбро во натпреварот уште од првата минута.

“Црвените” поведоа рано, уште во 7-та минута со брзиот гол на Дивок Ориги. Раното водство им даде сила и верба на домакините кои вршеа притисок и беа насекаде на теренот. Резултатот остана 1:0 на полувреме, а на паузата, во игра влезе Вијналдум на местото на бекот Робертсон, кој се пожали на повреда.

Токму Вијналдум беше играчот кој го промени целиот тек на натпреварот. Погоди по само 9 минути игра, а не чекаше многу и за втор гол, само 2 минути подоцна, одлично скокна во шеснаесетникот на Барселона, биеше со глава неодбранливо за Тер Штеген.

Домакините се вратија од од негатива 3 гола, но не застанаа овде, туку поведоа и 4:0 во 79-тата минута, со голот на Дивок Ориги од еден, малку сомнително изведен, корнер.

Барселона беше тотално немоќна, и во последните 15-ина минути не создаде ниту една шанса. Меси, кој требаше да биде главен инспиратор, беше речиси невидлив и тотално безопасен.

Јирген Клоп го направи, можеби, еден од најголемите “кам бекови” во историјата на најелитното европско натпреварување. “Црвените” од Енфилд Роуд се во второ последователно финале, каде го очекуваат подобриот од дуелот меѓу Ајакс и Тотенхем – каде Холанѓаните имаат предност од 0:1 од првиот меч во Лондон.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *