Трансфери
трансфери 2020

Секое лето, има голем број на фудбалери во светот на фудбалот кои се слободни агенти, но следното лето бројот е зачудувачки, или барем имињата. Како што видовме последниве години, многу фудбалери ја преферираат оваа ситуација бидејќи се во состојба да бираат каде да се преселат и вообичаено се во позиција да преговараат за далеку поголема плата. Во прилог, погледнете ги најзвучните имиња од топ 5 лигите на Европа.

Премиер лига

Кристијан Ериксен и Тоби Алдервајлд

ЕДЕН АЗАР

Супер ѕвездата на Челси одби неколку понуди за нов договор од клубот и има намера да направи трансфер во Реал Мадрид, по можност уште летово. Главен проблем е забраната за трансфери на “сините” до следното лето, што само ги зголемува шансите за заминување на Белгиецот како слободен агент. Покрај Азард, во Челси догодина слободни играчи се и Педро, Вилијан и младиот талент Калум Хадсон-Одои.

ДАВИД ДЕ ХЕА

Договорот на Де Хеа истекуваше летово, но “црвените ѓаволи” ја активираа клаузулата за продолжување на уште 1 година. Проблемот со Де Хеа е високата плата која ја бара – 500 000 фунти неделно, исто колку моменталната на Алексис Санчес. Очигледно Чилеанецот го наруши балансот на плати во Манчестер Јунајтед, а тоа може скапо (во секоја смила на зборот) да го чини клубот. Ерик Баи, исто така е слободен агент на лето 2020.

КРИСТИЈАН ЕРИКСЕН

Ериксен е мета на Реал Мадрид, и ако Тотенхем не успее да го продолжи договорот со Данецот, најверојатно ќе се обиде да добие нешто летово, во спротивно следното си оди без пари. Во слична ситуација се и белгиските дефанзивци Тоби Алдерваилд и Јан Вертонген.

ИЛКАЈ ЃУНДОГАН

Турскиот Германец беше првото засилување под водство на Пеп Гвардиола во Манчестер Сити, и каталонецот е голем фан на играта на Ѓундоган поради што ќе се обиде да го задржи што подолго на Етихад стадионот. Самиот играч изјави дека е задоволен од моменталната ситуација, и нема зошто да не е кога ја има иднината во свои раце. Давид Силва и Фернандињо се во иста ситуација, но се верува дека “граѓаните” се поспокојни за нивноте договори.

СЕРИЈА А

Мојс Кин и Џорџо Киелини

ЏОРЏО КИЕЛИНИ

Договорот на 34-годишниот Киелини истекува следното лето, но тоа не значи дека ќе биде стар за врвен фудбал. На пример неговиот клупски колега, Андреа Барѕаљи сè уште добива минутажа и на 37 години. Се шпекулира дека Киелини може да тргне по стапките на поранешниот клупски и репрезентативен колега – Џиџи Буфон, и да направи богат трансфер во странство.

БЛЕЈЗ МАТУИДИ

Уште еден играч на Јувентус е со договор што истекува следното лето. Французинот стана клучна фигура во тимот на “старата дама” по трансферот од ПСЖ во 2017. Матуиди има 31 година, но сè уште игра неуморно и борбено, помагајќи и во одбрана и напад.

МОЈС КИН

Младиот напаѓач Мојс Кин има договор уште само 1 година, што значи Јуве ќе треба да работи на негиовиот случај доколку не сака да се стави во неизгледна позиција следното лето.

ДРИЕС МЕРТЕНС

Под водство на Маурицио Сари, Белгиецот се етаблираше како еден од најдобрите напаѓачи во Серија А. Сезонава Мертенс не е толку ефикасен со Карло Анчелоти, што можеби е и причината зошто клубот му нема понудено нов договор. Сето ова може да придонесе за трансфер на 31 годишниот напаѓач летово.

ХОЗЕ КАЉЕХОН

Шпанецот е иста ситуација со Мертенс, но тој има поголема минутажа кај Карло Анчелоти. Со заминувањето на капитенот Хамшик, се очекува Наполи да му понуди нов договор на Каљехон.

ЕДИН ЏЕКО

33-годишниот Босанец сезонава не игра во добра форма и има постигнато само 7 гола на 25 натпревари, поради што се очекува Рома да ги разгледа понудите во висиона на 10-ина милиони евра, бидејќи во спротивно догодина ќе си замине како слободен агент.

СТЕФАН ЕЛ ШАРАВИ

Натурализираниот италијански “фараон” може да си замине како слободен играч догодина. 26-годишниот крилен напаѓач сезонава постигна 9 гола на 20 натпревари, што е и најдобар негов учинок за 4-годишниот претстој во Рим.

БУНДЕСЛИГА

Тимо Вернер и Торган Азар

ТИМО ВЕРНЕР

Универзалниот напаѓач се прослави во Бундеслигата последниве години во Лајпциг. Германецот се поврзува со многу клубови, меѓу кои и Бајерн Минхен и Ливерпул. Со оглед на ситуацијата, се очекува да биде продаден летово, во спротивно Лајпциг ризикува да остане со празни раце следното лето.

ТОРГАН АЗАР

Јули 2020 г. може да се покаже како голем месец за семејството Азар: Еден би бил слободен да го напушти Челси, а помалиот брат Торган би станал слободен агент исто така. Торган пред неполна седмица, на 29-ти Марти наполни 26 години, а позади себе има 3-4 добри сезони во Минхенгладбах. За него има интерс од Борусија Дортмунд и Атлетико Мадрид. Се шпекулира дека од Минхенгладбах бараат 30 милиони евра, но заинтересираните страни може и да почекаат една сезона и да го добијат бесплатно.

МАРИО ГЕЦЕ

Некогаш нарекуван Германскиот Меси,  Марио Геце не го оствари својот талент, иако уште на 20 години беше клучен дел од Дортмунд и успеа да му “украде” 2 титули на големиот Бајерн Минхен. Геце беше “златното момче” на Германија, постигнувајќи го голот за победа против Аргентина во финалето на Светското првенство 2014. И покрај послабата форма, по враќањето од Бајерн Минхен во Дортмунд, директорот на “милионерите” изјавил дека би сакале Геце да продолжи во Дортмунд и после 2020 година.

ЛА ЛИГА

Кејлор Навас и Лука Модриќ

ЛУКА МОДРИЌ

Носителот на „Златната топка” беше спремен да го напушти Реал Мадрид заради Интер, минатото лето, но шпанскиот клуб го блокираше трансферот. Се чини дека сè уште има интерес од Апенините, и веќе следната сезона би можел да замине како слободен играч, се разбира доколку Реал не го обврзи со нов договор.

КЕЈЛОР НАВАС

Се очекуваше негов трансфер летово, поради загубата на првото место од Тибо Куртоа. Но со враќањето на Зидан на тренерската позиција, се чини дека работите се сменија на подобро за Навас, кој е прв избор на Французинот, поради што не би било изненадување да го продолжи договорот со “кралевите”.

СТЕФАН САВИЌ

Во четирите години поминати во Атлетико Мадрид, Стефан Савиќ се докажа како добар дефанзивец. Иако не беше секогаш прв избор, сепак беше корисен за тимот на Диего Симеоне. Со продажбата на Лука Ернандез во Бајерн Минхен, и очекуваното заминување на Диего Годин летово, Симеоне сигурно ќе сака да го задржи црногорскиот репрезентативец. Но преговорите за нов договор сè уште не се започнати.

ЛИГА 1

Набил Фекир во дуел со Единсон Кавани

НАБИЛ ФЕКИР

Минатата сезона, Набил Фекир за малку не стана играч на Ливерпул. Одличниот 26-годишен офанзивен фудбалер се очекува да го напушти Лион летово, во спротивно францускиот клуб ќе ризикува да остане со празни раце.

ЕДИНСОН КАВАНИ

Најдобриот клупски стрелец на Пари Сен Жермен признава дека заминувањето е сериозна опција за него. Последнава деценија, Уругваецот се етаблираше како еден од најдобрите напаѓачи во Европа, поради што се очекува голем интерес за неговиот потпис при евентуално заминување од Париз.

ТИАГО СИЛВА

Капитенот на ПСЖ игра постојано на високо ниво во центорот на одбраната, но е свесен дека следната сезона, кога му истекува договорот, ќе наполни 35 години, и се очекува да се врати во родниот Бразил и да се пензионира таму. Но нема да биде изненадување ако некој голем европски клуб понуди едногодишен договор како оној на Манчестер Јунајтед со Златан Ибрахимовиќ.

ТОМАС МУНИЕР

Белгискиот бек сезонава има голема конкуренција од Дани Алвеш и Тило Керер, но се очекува ПСЖ да ја продолжи соработката со 27-годишникот, бидејќи Дани Алвеш може наскоро да се пензионира.



Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *