Опсајд Франција
balotelli-vieira

Светскиот шампион со Франција во 98′, и новопечен тренер, Патрик Виера, е при крај со нервите за ситуацијата на проблематичниот Марио Балотели, чија кариера во француска Ница е при крај.

Избрканиот Мурињо, не е единствениот менаџер кој не успеа да се справи со една од ѕвездите во својот тим, Пол Погба. Додека Погба испадна како победник од ситуацијата со Мурињо, во Ница се чини дека менаџерот ќе ја добие “битката” со “лошото момче” Балотели.

Сезонава, се чини ништо не му оди од рака, нога де, на Балотели, кој лошо го започна односот со Виера, кој беше назначен на почетокот од сезоната. Имено, Италијанецот се приклучи на тимот подоцна од предвидениот рок за предсезонските тренинзи, и здебелен и вон форма.

На Виера, кој беше и соиграч на Балотели во Манчестер Сити и Интер, не му требаше многу време да го искара 28-годишниот напаѓач. Претходните 2 сезони Балотели, за првпат, покажа зрелост и сериозност под водство на сегашниот тренер на Борусија Дортмунд Лусиен Фавре, постигнувајќи одлични 15, односно 18 погодоци во Лига 1, со што се здоби со место назад во репрезентацијата на Италија.

Но, последниот пат кога Балотели реализираше за Азурите, беше против Саудиска Арабија во Мај, а за Ница нема погодок на 10 натпревари. На Виера, се чини, му дојде преку глава. Официјално напаѓачот беше повреден за последниот натпревар со Сент Етиен кој заврши 1-1, беше изоставен за натпреварот против Гингамп во купот кој заврши 0-0, а кој Ница го загуби на пенали, а исто така се зборува дека нема да биде во составот и за мечот со Страсбург саботава.

По заминувањето на Алазан Пле во Борусија Минхенгладбах, Виера очекуваше Балотели да биде лидерот на Ница, но тоа се покажа како преголем залак за фудбалерот, кој играше добро само кога требаше да се грижи за себе.

Кога беше млад, беше еден од најголемите таленти, и многу негови недоговорности и испади му беа прогледувани низ прсти, но сега се очекува да покаже лидерски способности во тимот и да постигнува погодоци како порано, но ниту едното не му оди од рака.

Дали ќе се “опамети” Балотели, или некој од него или Виера ќе ја напушти Ница, останува да видиме.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *